27.10.2026

Создавам работи кои не можат да се купат во продавница!

Од камчиња до 25.000 парчиња: Александар Радически од Гостивар создава уникатна уметност и им дава нов живот на заборавените предмети.

Создавам работи кои не можат да се купат во продавница!

Тимот на Кајак.мк денеска ве запознава со уште еден локален херој, човек кој докажува дека креативноста нема граници, а вистинската уметност понекогаш започнува од едно обично камче.

Запознајте го Александар Радически од Гостивар, уметник, фотограф и колекционер кој создава уникатни 3D инсталации од природни материјали, изработува декорации од дрво и реставрира стари предмети кои некогаш биле дел од секојдневието на нашите предци.


Неговата приказна започнала сосема случајно, со љубовта кон фотографијата, која постепено прераснала во нешто многу поголемо.

„Мојата приказна започна сосема случајно. Се најдов себеси во сè што создавам, сфатив и засакав тоа да биде дел од мене и од моето секојдневие“, раскажува Александар за Кајак.мк.

Денес Александар поседува колекција од повеќе од 25.000 уникатни камчиња, кои ги користи за создавање 3D уметнички дела. Она што за повеќето луѓе е обично камче покрај река или езеро, за него претставува можност да создаде нешто сосема ново.

Неговата најголема инспирација е природата. Како што вели, отсекогаш сакал да ја стави природата „меѓу рамки“ и да создаде нешто што не може да се најде на друго место.

„Сакав да создадам нешто што не може да се купи во продавница, нешто што не се наоѓа никаде на друго место, нешто уникатно. Тоа беше мојот предизвик и успеав да го надминам.“


Но, неговата креативност не завршува со уметноста. Александар има уште една голема страст, а тоа е колекционерството и реставрацијата на стари предмети.

Во неговата колекција се наоѓаат околу 200 фиксни телефони, кои датираат од периодот на Првата светска војна до 1986 година, како и 400 до 500 старински предмети, од кои најстарите потекнуваат од XVI век.

Станува збор за предмети кои некогаш биле неопходни во секојдневниот живот, а денес речиси целосно се заборавени.

Александар не ги собира само за да стојат на полица. Напротив, секој предмет добива посебно внимание. Го расклопува, чисти, суши, повторно го составува и полира, сè додека не му го врати стариот сјај.


Токму затоа неговото секојдневие никогаш не е монотоно. Еден ден создава уметничка инсталација од камчиња, друг ден обработува дрво, а трет ден реставрира телефон стар неколку децении.

За него, најголемата награда не е само готовото дело, туку реакцијата на луѓето кога ќе го видат.

Возбудата, изненадувањето и комплиментите од публиката се она што му дава дополнителна мотивација да продолжи. Особено го радува фактот што неговата ќерка полека, но сигурно ги следи неговите чекори.


Зад Александар веќе стојат четири успешни самостојни изложби, а неговата следна желба е петтата изложба да ја организира во Скопје. Неговиот поголем сон е своите дела еден ден да ги претстави и пред европската публика.

„Сè што создавам ми е важно како и секоја уметност. Ако не денес, можеби утре ќе биде мотивација или следен чекор за некој да се истакне во оваа или во некоја друга уметничка насока“, вели тој.


На крајот од нашиот разговор, Александар испраќа порака до сите кои имаат желба да создаваат нешто свое: Верувајте во себе, бидете истрајни и создавајте го она што навистина го сакате, со многу љубов и страст.

А тимот на Кајак.мк продолжува со својата мисија да ги открива и промовира ваквите локални херои. Луѓе кои можеби не се секојдневно присутни во медиумите, но со својата работа, талент и посветеност создаваат нешто по кое Македонија може да биде препознатлива.

Затоа што најубавите приказни не се секогаш оние што ги бараме далеку од дома. Понекогаш се кријат во едно мало камче, стар телефон или во рацете на човек кој одлучил да создава наместо да се откаже.

 

Коментари

Сè уште нема коментари.

Прочитајте повеќе

Види ги сите

26.11.2026

Првиот снег пристигна во Македонија: 7 идеи за планински одмор оваа зима

Планински одмор во Македонија – откријте 7 идеи за зимско бегство во планински куќи, дрвени колиби и вили опкружени со природа.

25.11.2026

Мексико отвора тематски парк вреден 1,5 милијарди долари – нова туристичка атракција од светски размери

Туристички вести од светот: Мексико отвора тематски парк вреден 1,5 милијарди долари. Откријте го BON, новиот забавен комплекс со седум тематски светови и над 20 атракции.

24.11.2026

Крушево доби две нови полетувалишта за параглајдерство – уште една причина да го посетите градот на авантурите

Крушево доби две нови полетувалишта за параглајдерство на Црн Врв. Откријте ги авантуристичките активности, природата и атракциите на Крушево.

23.11.2026

Нови туристички атракции во Македонија: Мислите дека сте ја откриле цела Македонија? Кајак.мк има нови изненадувања за вас!

Нови туристички атракции во Македонија! Мислите дека сте ја откриле цела Македонија? Откријте нови атракции, активности и сместувања на Кајак.мк.

18.11.2026

Колку мечки има во Македонија? Научниците го бараат одговорот преку ДНК

Колку мечки има во Македонија? За првпат започнува систематско генетско следење на кафеавата мечка, со примероци собрани во природата и современи ДНК анализи.

16.11.2026

Колективно готвење за вкусен ноемвриски тим-билдинг во Вевчани!

Колективно готвење за вкусен ноемвриски тим-билдинг во Вевчани!